Честите евакуации поради дојавите за поставени бомби во училишта на средношколците им одзедоа драгоцени часови и им предизвикаа големи главоболки. Поради доцнење со наставните програми и многуте изгубени часови, учениците, особено средношколците, сега се многу оптоварени со секојдневни тестови и испрашувања. Некогаш имаат испрашување или тестирање по дури три-четири предмети во ист ден, се жалат родители како и претставници на Сојузот на средношколците.
– Во овие речиси два месеци, средношколците засегнати од оваа ситуација беа спречени да следат голем број часови, на кои според планот треба да се поминат важни делови од програмата. Спреченоста да се посетува настава го намали општото знаење на учениците, подготвеноста за државната матура, но и нашиот образовен профил во меѓународни рамки. Тестови и испрашувања се одложуваат и се наталожуваат во кратка временска рамка во која учениците едноставно не можат да го достигнат нивото за сите предмети. Од Сојузот повикуваме на максимална соработка и разбирање од страна на професорите и училишните органи, за соодветно изменување на методите и материјалот на начин којшто ќе им овозможи на учениците да постигнат соодветни резултати – изјави за Фактор претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ.