Општина Кисела Вода отвори специјална телефонска линија за пријавување врсничко насилство во училиштата или таканаречен „булинг“.
На телефонскиот број 078/358 – 639, жртвите на насилство во училиштата може да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава.
– Справувањето со булингот бара сеопфатен пристап, кој го вклучува семејството, врсниците, но и институциите. Многу често тој не се препознава, се игнорира, а за жал понекогаш и се минимизира, оневозможувајќи на тој начин жртвата да добие помош. Потребна е едукација, и за децата, без разлика дали се жртви или се сведоци на булинг, и за наставниците и директорите во училиштата и градинките, кои не смеат да бидат само неми набљудувачи. Решението има адреса. Но некој треба проблемот да го пријави, треба да реагира и да ја заштити жртвата. Во изминатиот период во основните училишта во општина Кисела Вода, поставивме кутии за анонимни пријави за меѓуврсничко насилство, а еве сега вовдуваме и телефонска линија – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на промоција на новата мерка, која ја воведува Локалниот совет за превенција, заедно со Младински центар „Крик“.
Претседателката на „Крик“ Мила Ангелевска Кардафова ги повика учениците, ако не самите жртви, тогаш нивните другарчиња, да помогнат во сузбивање на меѓуврсничкото насилство, така што ќе охрабрат некого да побара помош, а во тоа секако ќе им помогне телефонот за психолошка и институционална поддршка, кој од денес им стои на располагање.