Дојавите за поставени бомби во училиштата, кои се праќаат на нивните електронски адреси од октомври минатата година, влеваат паника кај учениците, го нарушуваат менталното здравје и влијаат негативно на нивната социјализација, сметаат учесниците на трибина во рамки на научно-истражувачки проект на Универзиотетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје.
Трибината денеска се одржа во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје која е меѓу училиштата во главниот град кои денеска наутро добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, по што учениците од првата смена, како и во други наврати досега, се евакуирани од објектот. За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во нивните домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата.
Министерството за образование и наука до директорите на училиштата во земјава испратило допис за итни мерки што треба да ги преземат за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина.
МОН им укажува на основните и средните училиштата во општините насоки и начини на користење електронски адреси, да ја зајакнат контролата за влез/излез на училиштата, во деновите кога има заканувачка дојава, училиштето да организира учење на далечина (онлајн-настава) наместо целосен прекин (распуштање) на наставата.
Александар Ангелковиќ, четврта година во гимназијата „Георги Димитров“, смета дека дојавите за бомби и загубените часови се голем проблем, особено за матурантите зашто ова е период кога треба да се подготвуваат за државната матура.
– Имаше пандемија од корона, па протест од професорите, но „бомбите“ се покажаа како најголем предизвик. Се надевам дека ова навреме ќе се преброди за соодветно да се реализира наставата и матурата и дека МОН и другите надлежни институции ќе дадат некое решение кое доцни. Би било добро да се земе помош од нашите партнери во НАТО и Европската Унија за да може да се преброди овој доста сериозен проблем – изјави Ангелковиќ, според кого одлуката за онлајн-настава ја носат надлежните и дека ако таа е единствена алтернатива верува дека ќе успее.
Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски, кој учествуваше на трибината „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, одговарајќи на прашањето какви идни студенти ќе има државава поради загубената настава во средно образование, рече дека тоа ќе се одрази, но дека пропуштеното може да се компензира.
– Мислам дека наставниците се ќе направат за да го надоместат изгубеното. Секако дека онлајн-наставата не е заборавена, УКИМ ја користи и за разни други намени. МОН треба да има стратегија за ова и мислам дека се подготвува за друг модалитет за настава ако овие работи се повторуваат. Но, секоја стратегија не е лесно да се направи, тоа си бара време и верувам во постоечката гарнитура на МОН дека бргу ќе се справи со овој предизвик – рече Јанкуловски.
Проф. Марјан Ѓуровски смета дека треба да се размислува за комбинирана настава и да се разгледаат опциите поголем дел од наставниот процес да се врати на настава на далечина.
– Не смееме како општество да седиме со скрстени раце и само да вршиме проверка на дојавите на бомби, физички да ги изнесуваме учениците и потоа да ги враќаме назад затоа што овој проблем има два аспекта – безбедносен и образовен. Сметам дека е време државата да ги разгледа сите варијации и опции за поголем дел од наставниот процес да се врати на електронското учење. Бидејќи ако оваа динамика продолжи, сериозно ќе биде доведено во прашање начинот на пренесување на знаењето и проверката кај учениците од основно, средно образование, но и кај студентите. Затоа треба да се разговара кај надлежните, во МОН и во сите други во овој сектор, да изнајдат механизам за комбиниран начин на изучување и проверка на знаењата, бидејќи знаењето сериозно ќе биде доведено во прашање ако имаме недостаток во образовниот процес – рече Ѓуровски.
Проф. д-р Татјана Стојановска-Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ смета дека зачестените дојави за бомби кои создаваат паника наметнаа ситуација што не е наивна зашто, рече таа, целиот образовен и воспитен процес е доведен во прашање и дека се случува морална деградација.
– Веќе неколку месеци вие немате нормално функционирање на целиот тој процес што подразбира, првенствено пренесување знаења, потоа го немате оној позначајниот сегмент – тоа е пренесување морални вредности. Довербата е клучна вредност, доверба во одговорноста кон институциите, одговорноста во самото образование. Како вие на младите генерации ќе им всадите вредности од типот на почит и одговорност кога гледаме дека со месеци нас ни се случуваат и повторуваат едни исти работи. Не смееме да имаме изгубени генерации коишто нема да имаат не само доволен фонд на знаење, ќе имаат еден вид морален и вредносен вакуум… Ова може да оди во недоглед. Што сега, ќе се враќаме повторно на онлајн-настава? Која е поентата на тоа – изјави Стојановска-Иванова.
Таа повика да се направи национална стратегија за безбедносните ризици што ќе ги опфати и кибер-нападите и кибер-насилството. Апелира во нејзиното креирање да се вклучат сите што се стручни и компетентни од практиката и од науката за, како што рече, конечно да се овозможи нормално функционирање на образованието.