Ученици од деветто одделение останале вџашени откако при одговарањето на Анкетата за дуално образованиe, создадена од Младинскиот образовен форум (МОФ), по селектирање на некој од понудените одговори на прашањето „Која социјална мрежа ја користиш?“, линкови ги воделе до порно-страници.
Поради овој хакерски напад, анкетата била веднаш отстранета, откако МОФ добил поплаки од загрижени родители за содржината што можеле да ја видат нивните деца.
„Со голема загриженост и жалење ве известуваме дека во изминатото деноноќие бевме жртва на хакерски напад. Нашата организација, Младински образовен форум, подготви прашалник за деветоодделенци, за потребите на истражувањето за перцепции за средното стручно образование на учениците од 9-то одделение и истиот беше компромитиран. Организацијата го подготви прашалникот со намера да собере информации кои ќе ни помогнат подобро да ги разбереме образовните потреби на младите во нашата заедница. Меѓутоа, неодамна откривме дека прашалникот бил компромитиран од непознат хакер, кој додал несоодветен јазик што им бил проследен на децата“, се вели во соопштението на Младинскиот образовен форум.
Оттаму велат дека откако им било посочено дека во прашалникот има додадено страници со вулгарни содржини кои не се дел од нивното истражување, прашалникот бил веднаш отстранет.
„Како организација посветена на образованието и развојот на младите, ја разбираме сериозноста на хакерскиот напад и потенцијалната штета што може да ја предизвика. Сфаќаме дека инцидентите како овој ја нагласуваат важноста да се биде внимателен во заштитата на себе и на нашите деца од заканите преку интернет. Би сакале да нагласиме дека нашата организација не е сама што е жртва на хакерски напади. Државните институции ширум светот се соочуваат со слични предизвици, бидејќи компјутерскиот криминал продолжува да се развива и станува пософистициран. Сепак, ние ја преземаме целосната одговорност за овој немил инцидент и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да се погрижиме тоа да не се повтори. Сакаме да го изразиме нашето искрено извинување за каква било штета или непријатност што може да биде предизвикана како резултат на овој инцидент“, велат од МОФ на нивната интернет-страница.
Дополнително од форумот додаваат дека ќе спроведуваат сесии за обука со нивниот персонал и волонтери за да се осигурат дека се воспоставени соодветни безбедносни мерки за да се спречат какви било идни хакерски напади.
„Би сакале да нагласиме дека безбедноста и благосостојбата на младите во нашата заедница е наш врвен приоритет. Ја преземаме целосната одговорност за овој немил инцидент и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да бидеме сигурни дека тоа нема да се повтори. Ние сме посветени да бидеме транспарентни и одговорни во текот на овој процес и ќе продолжиме да обезбедуваме ажурирања кога ќе станат достапни повеќе информации. Ги охрабруваме сите што имаат загриженост или прашања директно да контактираат со нас и ви благодариме за разбирањето и поддршката додека работиме на решавање на оваа ситуација“, посочуваат од Младинскиот образовен форум.