Човечноста и праведноста како највисоки морални доблести се истакнати во учењето на кинескиот философ Менциј (Мѐнг Ци̌’) кој живеел од 372 до 289 г. п.н.е., а се надоврзал на предавањето на конфуцијанската философија.
Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфуциј, односно најпознатиот конфуцијанец по Конфуциј.
Книгата „Менциј“ за првпат е објавена на македонски јазик од „Македоника литера“ во 2019 година. Збогатена е со обемен предговор и детални белешки на професорот Игор Радев, а неговиот превод од древнокинески на македонски јазик е одличен. Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга „Менциј“, наречена по авторот.
Книгата е сочинета од разговори на философот Менциј со негови современици владетели или други лица на разни функции од тогашното општество. Книгата е конципирана како прашања и одговори, прашуваат ученици, обични луѓе или владетели, а одговара Менциј засновајќи ја својата поука врз учењата на големиот учител Конфуцие, иако тој воопшто не е именуван во оригиналните ракописи.
Радев го објаснува учењето на Менциј и историскиот контекст кога тој подучувал така за лесно да може да разбере секој што не е запознаен со кинеската философија и историја.
Менциј живеел во период кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на философската мисла, кога разни философи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе.
Главното прашање околу кое се вртат поуките и разговорите со учителот Менциј е доблеста на човекот, особено оној кој е на власт и кому му се потчинети многу „обични“ луѓе. Тоа се теми кои секогаш биле интересни, а актуелни се и денес – колку всушност се доблесни нашите функционери, политички водачи, властодршци од различно ниво. А кога го бараме човечкото во човекот – тоа прашање и денес се поставува како вечен предизвик во борбата меѓу доброто и злото.
„Оној што постапува спротивно од човечноста се нарекува никаквец, додека таквиот кој постапува спротивно од праведноста се нарекува злосторник. Никаквеците и злосторниците, сепак, не би ги нарекле никако поинаку освен ништожници. Така, јас имам чуено дека ништожникот Чжоу бил убиен, но не сум чул дека со тоа бил убиен владетел“, одговара Менциј на прашањето дали поданик смее да го убие својот владетел.
Понатаму, тој вели: „Човечноста ја краси слава, а нечовечноста ја гнаси срам“.
Учењето на Менциј се заснова на четири столба: човечност, праведност, обредоредие и мудрост, а секој оној кој не ги развива овие никулци се мами себеси.
Ќе бидат ли благородниците доволно доблесни да ги признаат своите грешки и да се поправат во своето однесување или кога грешат „ќе бидат упорни во грешките“. Сепак, како што наведува Менциј цитирајќи: „Добрината сама по себе не е доволна за управување, /а законите сами себе не можат да се спроведуваат“.
Кога го цитира Конфуциј: „Има два пата – тој на човечноста и оној на нечовештината“.
Учителот остава секому да реши кој пат ќе го фати, ама и го предупредува дека секој пат има своја цена.
Книгата изобилува со објаснувања на традициите од времето на Менциј, со верувањата на луѓето од тоа време, со начинот на кој размислувале и на кој владееле.
Со беспрекорниот и богат превод и со едноставните објаснувања и бројни фусности, професорот Радев успеал мошне вешто да ја доближи старата кинеска философија до македонскиот читател и да ја направи интересна за изучување.