Израелското бомбардирањето на Појасот Газа кој е под контрола на Хамас продолжи и во текот на ноќта. Според многу проценки, тоа е најтешкиот удар досега во последните девет дена од конфликтот.
На социјалните мрежи кружи видео објавено од страната Middle East Eye на кое се гледа погребувањето на Палестинците во масовни гробници по израелските воздушни напади.
Во израелското бомбардирање на опколената енклава загинаа најмалку 2.450 луѓе, според палестинското Министерство за здравство. Од загинатите, 724 се деца, а 458 се жени.
Новиот жесток конфликт во Израел изби минатата сабота, на 7 октомври, кога Хамас го започна својот најголем напад врз Израел во последните години отворајќи жесток налет на ракетни истрели од Појасот Газа додека вооружени лица ја преминаа границата и направија масакр на музички фестивал во близина на граничниот појас.
Израелската влада прогласи „воена состојба“ ден потоа, а денеска објави дека нема прекин на огнот во јужниот дел на Газа, иако безбедносни извори во Египет соопштија дека е постигнат договор да им се дозволи на странците да ја напуштат опколената палестинска територија и да донесат хуманитарна помош.