Швајцарскиот банкарски гигант UBS го финализираше купувањето на својот поранешен конкурент Credit Suisse, објави банката во отворено писмо објавено денеска.
„Го финализиравме легалното преземање на Credit Suisse“, изјавија од банката, додавајќи дека тоа е „почеток на новото историско поглавје за новиот ентитет“.
Откупот создава мега банка која никогаш порано не постоела во Швајцарија. Неговата големина ги загрижува и политичките претставници, потенцираат економските аналитичари.
Credit Suisse Bank, втората по големина банка во Швајцарија, во март преку ноќ стана несолвентна поради низа лоши инвестициски одлуки и стравот на клиентите кои во паника ги повлекуваа своите заштеди.
Швајцарските власти, со поддршка на централната банка и финансиските регулатори, се согласија да ја продадат Credit Suisse на UBS за 3,25 милијарди долари.
Шефот на швајцарската народна банка, Томас Џордан смета дека друго решение немало.
-Се разбира, штета е што сега остана само една голема банка. Но, сигурен сум дека ако не успееше откупот на банката од UBS, ќе имаше меѓународна криза, а за Швајцарија ќе беше уште полошо – нагласи Томас Џордан.
Новопроширената UBS сега ќе има биланс од 1,6 трилиони долари и работна сила од 120.000 луѓе.
Регулаторите во петокот соопштија дека ќе ги покријат загубите до 9 милијарди швајцарски франци (10 милијарди долари) откако UBS ќе ги добие првите 5 милијарди швајцарски франци како дел од трансакцијата, бидејќи апсорбира портфолио што целосно не одговара на неговиот бизнис и ризичен профил.
По спојувањето, Credit Suisse и неговите американски депозитни акции ќе бидат отстранети од SIKS на швајцарската берза и на њујоршката берза, при што акционерите добиваат по една акција на UBS за секои 22,48 акции на Credit Suisse што ги поседуваат.