Во координирана меѓународна заедничка акција на истражните тимови на Република Србија, Јавното обвинителство за организиран криминал, Апелационото обвинителство на Грција, ЕВРОПОЛ, вчера во Србија се уапсени шест лица, а во Шпанија и Грција по едно лице.
– Осомничените се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело здружение за извршување кривично дело, кривично дело тешко убиство, поради извршување на кривичното дело на 19.01.2020 година во Атина, во која Стеван Стаматовиќ и Игор Дедовиќ беа лишени од живот и на 23.07.2020 г. кога на Крф беа убиени Алан Кожар и Дамир Хаџиќ – соопштија од Српското Јавно обвинителство за организиран криминал.
За нас особено се важни имињата на Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ кои беа убиени во Атина. Тие двајца се познати како водачи на Шкаљарскиот клан кои поседуваа македонски пасош и кои беа ликвидирани пред очите на жените и децата во ресторан во Атина во 2020 годиина. Игор Дедовиќ бил Горан Тасевски, а Стаматовиќ Емил Филипов.
Убиството се случи на 19 јануари 2020 година во ресторан во елитната населба Глифада. Дедовиќ и Стаматовиќ вечерале со сопругите и децата додека четворица мажи влегле во ресторанот, се приближиле до масата, проговориле неколку зборови на српски и потоа отвориле оган.
Камерите ги снимиле џелатите како се приближуваат до ресторанот, а бројни сведоци кои седеле на само неколку метри од убиените во ресторанот, ги опишале мажите кои влегле и пукале.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „Република“ најави дека ќе се проверат сите пасоши издавани на криминалци и нарко босови.
– Тоа е една од работите кои ќе треба да се истражат во детали во следниот период.За овој случај имаше една акција во која одговараа само ситни риби.Ќе бидат проверени и тие пасоши. Нека не се грижат македонските граѓани, после осми мај кога ќе имаме нормална влада ќе се проверат сите овие работи. Сѐ ќе се расчисти – ветува министерот.