Уапсена е Иранка која се соблече на јавно место во својата татковина во знак на протест поради малтретирањето од страна на безбедносните служби, пренесоа француските медиуми.
Младата жена, којашто е студентка на престижниот Универзитет „Азад“ во Техеран, била малтретирана од безбедносни агенти кои сметале дека таа не го почитува задолжителниот исламски кодекс на облекување. Во знак на протест, младата жена се слекла во долна облека пред универзитетот. Нејзиниот протест бил снимен, а видеото било поставено на социјалните мрежи, нешто што предизвика бурни дискусии. Жената е уапсена, а од нејзиното апсење, нејзината судбина останува непозната.
„Иранските власти мора веднаш и безусловно да ја ослободат младата жена“, напиша на мрежата Икс организацијата за човекови права „Амнести Иран“ која е огранок на „Амнести интернешенел“.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ноел Баро, го поздрави протестот на младата Иранка.
– Ја поздравувам храброста на оваа млада жена, која делуваше како чин на отпор и се издигна до ранг на икона за борбата на жените во Иран, за борбата на жените насекаде каде што нивните права се загрозени. Нашата амбасада во Иран многу внимателно ја следи ситуацијата – изјави Баро за француските медиуми, без да навлегува во повеќе детали.
Иранките се во срцето на протестното движење што уследи по смртта на младата иранска Курдка, Махса Амини, во 2022 година, откако беше уапсена поради непочитување на строгиот ирански Кодекс на облекување.
Според невладините организации, во протестите загинаа 551 лице, а илјадници беа уапсени.