Твитер ѝ се закани на корпорацијата Мета со правна постапка поради нејзината нова апликација наречена Тредс (Threads), објавија западните медиуми.
Во писмото упатено до извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, адвокатот кој го застапува Твитер, Алекс Спиро ја обвинува Мета за злоупотреба на трговски тајни и интелектуална сопственост, најмувајќи поранешни вработени на Твитер за развој на апликација со исти намени.
Од неговото објавување Тредс регистрираше десетици милиони кориснички најавувања. Апликацијата, создадена од тимот на Инстаграм, доаѓа во време кога многу корисници на Твитер бараат алтернатива за да се ослободат од влијанието на Илон Маск врз платформата, што тој ја купи лани за 44 милијарди долари.
Гласноговорникот на Мета, Енди Стоун вчера ги демантира обвинувањата и истакна дека „никој од тимот што го разви Тредс не е поранешен вработен во Твитер“.
Во првите 18 часа по нејзиното лансирање, новата апликација има над 30 милиони најавувања. Тредс е достапна во над 100 земји, но засега, не и во Европската Унија, каде што важат строги правила за приватност.