Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека земјотресите од минатата недела биле со „јачина на атомска бомба“, а новите бројки покажуваат дека бројот на загинати во Турција и Сирија е над 40.000.
Ердоган, исто така, рече дека стотици илјади згради не можат да се користат низ Турција, додавајќи дека секоја земја ќе се соочи со истите последици како Турција „во случај на таква катастрофа“.
Но, во градот Ерзин, среде тешко погодениот регион Хатај, нема загинати и ниту една зграда не е значително оштетена. Во градот со 42.000 жители оштетени се само неколку семејни куќи и неколку минариња.
„Немаме урнатини, жртви или повредени од земјотресот“, рече Океш Елмасоглу изразувајќи сочувство до сите погодени од земјотресот. Елмасоглу е градоначалник на овој град, пренесува Индекс.хр.
Како што вели, причината зошто во неговиот град нема урнати згради, а потоа и смртни случаи е тоа што никогаш не дозволил дивоградба.
„Во никој случај не дозволив дива градба. Сепак, некои се обидоа. „Иако на почетокот не можевме да ги следиме бидејќи немавме доволно персонал, подоцна ги пријавивме кај обвинителот и зградите беа урнати“, рече градоначалникот, според „Хуриет дејли“.