Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на Фејсбук објави информации за состојбата со младиот Никола, кој замина на лекување во Турција.
„Во телефонски разговор младиот Никола нѐ информираше дека болницата во Турција ја превзема обврската за неговото лекување и првиот третман за прием на терапија е закажан за 24 Април. Првиот чекор е направен и враќање назад нема!“, напиша Стефковски.
Во меѓувреме, тој најави голем хуманитарен концерт за 19.04.2023 година (среда) под мотото „Подај рака за Никола“ на кој покровител е токму тој.
„Потребните средства за лекувањето на Никола не се собрани и затоа е потребно сите да се обединиме во хуманоста! Заедно со Никола ќе победиме!“ напиша Стефковски.
Веќе неколку дена спортисти, пејачи, актери и други личности од јавниот живот кај нас повикуваат на хуманитарен турнир во мал фудбал кој ќе се одржи на 22 април во Автокоманда, а средствата собрани од турнирот ќе бидат наменети за лекување на Никола кој боледува од рак на коските.
Елиф Елмас, Игор Џамбазов, Кире Лазаров, Иџе во видео повикуваат за помош за Никола, преку формирање на екипи кои ќе играат на хуманитарниот турнир, велат „борбата на Никола е и наша борба“.
Пријавувањето на екипи е најкасно до 20-ти април. Број за пријавување – 078 474 627, донации за телефон А1 – 143 488 Т-1.
– Да пружиме рака и да изиграме во негово здравје, сите патишта водат во Автокоманда во школскиот двор на Стив Наумов, собери ја екипата и пријавете се на хуманитарен турнир кој ќе чини 1.200 денари од екипа, ќе се игра една утакмица по 10 минути, секоја екипа ќе добие благодарница за хуманиот гест, сите заедно со Никола да победиме во оваа битка која значи живот – стои во описот на видеото.
Инаку Никола Георгиев (19) е од село Црешево, на кој му е дијагностициран канцер на косиките и за кого се бараат донации. Никола, нема родители, тој живе со своите баба и дедо.