More

    Туристичките центри во земјава ова лето се преполни со туристи

    spot_img

    Туристичките центри во земјава ова лето се преполни со туристи. Трендот ќе се задржи до ноември за европските туристи и цела година за туристите од другите делови на светот, велат туристичките работници. Тие, сепак, посочуваат дека земјава мора да понуди нови автентични и оригинални програми и да го реши проблемот со недостиг од кадар во угостителството и во туризмот, инфраструктурата и начинот на работа на локалитетите и хотелите, ако сака да не загуби дел од странските туристи кои не само што сакаат да ги посетуваат природните убавини, туку сакаат и добро патување, сместување и добра услуга.

    – Македонија е дел од пошироката балканска слика која е на врвот на интерес кај туристите од Европа и од Турција. Засега главно туристите се добро ситуирани пензионери од европските земји кои го поминале светот и сега се насочени кон балканските земји. Тоа се високоедуцирани туристи кои бараат високо ниво и на сервисни услуги и добра организација. Но радува фактот што веќе имаме и помлади генерации туристи на кои може да им се понудат повеќе опции за добар одмор. Се враќаат и туристите од Германија и од голем број европски земји што поволно влијае на нашиот туризам – вели Влатко Сулев, претседател на Националната агенција за дојдовен туризам (НАИТАМ).

    Според него, моментално природните убавини, културните и историските споменици се главен интерес на туристите кои доаѓаат од Турција и од Шпанија, а покрај Скопје и Охрид на списокот за посета на странците се и Маврово со Националниот парк, Велес со винскиот пат, како и Крушево со својата нова понуда и Битола.

    – Тие сакаат автентични доживувања, искреност и оригиналност. Сакаат свежа, убава и оригинална храна приготвена на традиционален начин, сакаат да ги посетат македонските винарници, да видат изворно како се произведува вино, како се произведува сирење, со еден збор сакаат уникатно туристичко искуство. Сето тоа може да биде основа за новите програми кои ќе им се нудат во иднина. Но, на тоа не можат да работат само приватните туристички работници, на тоа треба да работат и институциите за да може да се направи целосна слика – вели Сулев.

    Земјава, според него, може да понуди уште многу повеќе почнувајќи од недопрените планини (ние имаме повеќе планини од Швајцарија), автентичноста и оригиналноста како култура и традиција, потоа земјоделството и неговото производство, како и прекрасните национални паркови.

    – Мора да се работи на проширување на понудата, но и на условите за странските туристи за да ги задржуваме подолго од неколку дена во рамки на кружните балкански тури, а не да останеме пропратен дел од секоја тура бидејќи сме географски и историски поврзани со другите балкански земји. Сега најдолго се задржуваат Шпанците по 10 дена, има и француски тури кои се задржуваат подолго, но тоа треба да биде практика и за другите туристи – додава тој.

    Туристичките работници велат дека овој поволен бран за туризмот мора да се искористи преку подобрување на сместувањето и сервисните услуги почнувајќи од високообучени кулинари, па сѐ до изградба на хотели од повисока категорија инфраструктура и поинаков начин на работа на локалитетите кои сакаме да им ги покажеме на странците.

    – Мора да се решат некои проблеми во организацијата на хотелите, но и на организацијата на локалитетите кои се посетуваат. Несфатливо е од Скопје до Охрид да се патува за 4 часа или да донесете туристи на одреден локалитет и таму да чекате со часови за да биде отворен за да им го покажете. Долгото чекање и на граничните премини е проблем за странците кои доаѓаат да поминат неколку дена во земјава. Сето ова мора да се промени за да одговориме на туристичкиот бран кој на овие простори ќе се зголемува и следната година кога се очекува да се достигнат бројките од 2019 година – вели Дончо Нацев од агенцијата „Арботравел“.

    Истиот став го има и Сулев кој додава дека хотелското сместување и недостигот на кадар е проблем кој му пречи на туризмот.

    – Сега во хотели со 4 и 5 ѕвездички има сместување само во Скопје и во Охрид кои во овој период се исполнети. Мој колега вели дека не можел да ги смести туристите во скопските хотели, па морал да оди во Велес. Таква е моменталната состојба, а како ќе биде понатаму? Но, да се надмине проблемот, може да се работи и на извонредно сместување во рурални средини за што има интерес од туристите, а треба да има интерес и од жителите на овие средини. На тоа мора да се работи во следниот период. Сепак, многу важен, а можеби и главен елемент е кадарот и услугата што се нудат, односно сервисот на туризмот. Тоа мора да се реши што побрзо, ако сакаме да го задржиме интересот на странците за Македонија – вели Сулев.

    Двајцата очекуваат голем број туристи да доаѓаат и преку аеродромот во Тирана, а добар повод за тоа е што интензивно се гради автопатот од Тирана кон Дебар што ќе овозможи многу поголеми автобуси со туристи да се движат кон Македонија, а турите кои се организираат сега а почнуваат од Црна Гора или од Албанија многу полесно ќе се реализираат.

    И двајцата се на став дека е време институциите да се позанимаваат со горечките проблеми во туризмот главно инфраструктурата, бидејќи туризмот како сектор има голем потенцијал, и може многу повеќе да учествува во создавањето на БДП, но треба многу повеќе да се работи за тоа да се случи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img