Хрватска во првите шест месеци од годинава остварила 5,7 милиони туристи и 24,7 милиони ноќевања, што е за 120 и 107 отсто повеќе во однос на истиот период лани, соопшти хрватското Министерство за туризам. Приливите од туристичките активности достигнаа 12,88 милијарди куни (1,71 милијарди евра) во првите шест месеци.
Бројот на пристигнувања во првата половина од годинава, во однос на 2019 година, пред избивањето на пандемијата на Ковид-19, достигна 83, а ноќевањата 94 отсто. Досега странските туристи оствариле 21,4 милиони ноќевања, додека домашните 3,3 милиони. Најмногу, 7,9 милиони ноќевања, оствариле туристите во Истра и окрузите Сплит-Далмација и Приморје-Горски Котар. Најпопуларни поединечни дестинации биле Ровињ со 738.000 ноќевања, Пореч со 560.000 и Дубровник со 530.000 туристички ноќевања.
Најмногу, 6,1 милион ноќевања имаа гостите од Германија, оние од Австрија со 2,4 милиони, Словенија 2,3 милиони, Полска 1,3 милиони, Велика Британија 1,1 милион и Чешка 1,1 милион. Најпосетувани се хотелите со 7,5 милиони ноќевања, семејното сместување со 7,4 милиони и камповите со 5,1 милиони.
Приливите од туристичките активности во Хрватска од јануари до крајот на јуни годинава достигнаа речиси 13 милијарди куни, што е за 24 отсто повеќе во однос на првата половина од 2019 година, покажуваат податоците на даночната управа. Во однос на претходната година издале 129 отсто повеќе фактури.
„Податоците го потврдуваат зголемениот интерес за Хрватска надвор од летните месеци и позитивните резултати од активностите кои имаат за цел да ја направат Хрватска препознатлива како одржлива и квалитетна дестинација во текот на целата година“, ги коментираше резултатите хрватската министерка за туризам и спорт Николина Брњац. Во Хрватска во моментов има повеќе од 640.000 туристи, а во јули и август се очекуваат повеќе од еден милион дневно.