Туристи од Бразил, Аргентина и од Еквадор остануваат и до 30 дена во земјава

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Туристичката сезона на охридското крајбрежје почна со последните празници и ако се оди според очекувањата, годинава ќе биде многу подобра од претходните. Сместувањето во хотелските капацитети и во приватните сместувалишта и покрај зголемените цени кои се резултат на високите цени на храната, репроматеријалите и платите на вработените, е најевтино во регионот. Хотелиерите очекуваат прилив на поголем број странски гости. Странски гости во зголемен број најавуваат и туристичките агенции кои носат гости од странство, бидејќи веќе регистрираат зголемен интерес од повеќе земји од Европа и Средна и од Јужна Америка.

Но, и покрај ваквите најави хотелиерите не очекуваат да остварат позначаен профит, бидејќи голем број проблеми поврзани со нивното работење на кои се одлева најголем дел од парите, не се решени од страна на државата.

– Дел од прашањата што не се решаваат со години имаат голема тежина во нашето работење, бидејќи сме оставени самите да ги решаваме. Имаме законски решенија кои не одат во прилог на развој на оваа индустрија, се бориме со нелојална конкуренција од објекти кои не плаќаат никакви давачки, а ги намалуваат цените на услугите. Имаме и високи давачки (пример за ЗАМП) кои државата не успева да ги адаптира и изедначи за сите, а плаќаме и високи царини за прехранбени и други производи кои сме принудени да ги увезуваме по високи цени и царински давачки, бидејќи во земјава ги нема (месо, риба…). Тука треба да интервенира државата и да го олесни нашето работење. Во некои туристички држави од регионот како Хрватскак состојбата е многу поповолна за хотелиерите. Велам нека ни дадат исти услови односно исти патики, па да трчаме кон целта. Тогаш ќе видиме кој ќе победи во оваа конкуренција – вели Крсто Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Тој додава дека цените на услугите во хотелите се повисоки во просек за 20% до 30% како резултат на влезните трошоци за храна и повисоки плати на вработените, но и натаму се најниски од регионот.

– Веќе неколку години имаме недостиг на кадар. Во нашите хотели сега работат само најлојалните работници и оние кои не успеале да заминат во странство. Зголемените плати и цената на артиклите што ги користиме во работењето условија и повисоки цени на нашите услуги во просек за 20 до 30%. Сето тоа ќе влијае и на бројот на гостите што ќе престојуваат годинава на охридското крајбрежје, но очекуваме добра година. Моментално договорените кружни тури одат според планот, а хотелските капацитети се пополнети од Велигден наваму. По 1 Мај почнува и сезоната која годинава очекуваме да биде подобра – вели Блажески.

Тој забележува и дека државата не успева со години да донесе стратегија за туризмот која е важна за секторот.

– Без јасна насока како да се обезбеди развој на секторот не може да се решат актуелните проблеми кои ги посочуваат хотелиерите и угостителите – вели Блажески.

Дека во однос на доаѓањето на странски туристи има подобрување во однос на падот кој беше забележан во 2020 година поради пандемијата, говорат и туристичките агенции.

Дончо Нацевски од ТА „Арбо травел“ вели дека веќе се постигнати 65% од вкупната бројка странски туристи кои престојувале во земјава во 2019 година како споредбена успешна година за туризмот од пред пандемијата.

- Advertisement -
Ad image

– Постепено се враќаме кон бројката од 2019 година иако сме уште далеку од неа. Туристите од странство се враќаат во земјава. Годинава, поради откажување на аранжманите за Турција која имаше земјотрес, има зголемен број на туристички тури од Словенија, но ги имаме и редовните четиридневни тури од Австрија, Германија, Франција и Португалија од Европа. Сѐ позначаен е и интересот на туристи од Бразил, Аргентина и од Еквадор кои доаѓаат во мал број, но остануваат меѓу 15 и 30 дена и сакаат да ја прошетаат целата земја – вели Нацевски.

И официјалните податоци за бројот на туристи и остварени ноќевања покажуваат дека од почетокот на годинава расте бројот на странски гости.

Последните податоците на Државниот завод за статистика кои се однесуваат на февруари покажуваат дека бројот на туристите изнесувал 40 973, од кои 40,2% се домашни туристи, а 59,8% се странски туристи. Тие оствариле 82 942 ноќевања, од кои 42,7% се од домашните туристи, а 57,3% од странските туристи.

- Advertisement -
Ad image

Во периодот јануари – февруари 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 12,5%, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 6,2%, а кај странските има зголемување за 31,2%.

Во периодот јануари – февруари 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 4,8%, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 5,5%, а кај странските има зголемување за 15,8%.

Share This Article