Тунелот Логара во Албанија е отворен за сообраќај

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Тунелот Логaра, еден од најголемите јавни проекти во Албанија, во јужниот дел од државата, што ги поврзува приморските градови Валона и Саранда, денеска е пуштен за сообраќај.

Се наоѓа на околу 20 километри јужно од Валона, во должина е од 5,9 километри, во чија изградба вложени се 139,6 милиони евра, а кој според албански медиуми, има директно влијание врз целата албанска економија.

Главниот тунел е широк 7,70 метри и висок 4,70 метри, со тротоари од двете страни широки по 1,17 метри, и е опремен со вентилација, дренажен систем и систем против пожар и чад.

„Тунелот е поврзан и со новиот пат Орикум-Дукат, што овозможува инфраструктурата кон југот на земјата да го скрати растојанието во очекување на рекордни бројки од туризмот годинава. Отворањето на тунелот првично ќе биде етапно за патнички моторни возила и автобуси, а не за тешки товарни возила“, објавија медиумите.

Додаваат дека церемонијата на свеченото пуштање била празнична, исполнета со песни и со ора.

„Тунелот Логара, едно од историските дела што засекогаш ќе го промени патувањето кон југот“, напиша премиерот Еди Рама во објава на Фејсбук.

Вицепремиерката и министерка за енергетика и инфраструктура, Белинда Балуку, во емисија на „Топ чанел“, ноќеска објасни дека годинава минувањето преку тунелот ќе биде бесплатно, но во наредните години ќе чини околу 5 евра.

Share This Article