Трансферот на Хари Кејн во Баерн се уште не е комплетиран, но со сите сили работиме на тој трансфер, изјави тренерот на германскиот шампион Томас Тухел на прес-конференцијата ден пред натпреварот од домашниот Суперкуп против РБ Лајпциг.
Со оглед на веста дека Тотенхем и Баерн ги договориле сите услови за пристигнувањето на англискиот напаѓач во Баварија, Хари Кејн стана главна тема на новинарските прашања.
„Можам да потврдам дека додека го кажувам ова, договор се уште не е постигнат, а ако нема договор, тогаш тренерот не може да зборува за играч кој се уште не е негов“, рече Тухел и додаде:
„Според моите сознанија, зборовите ако и кога сè уште се појавуваат често. Сите опции се можни. Првата е да го донесат како играч, а тоа се уште не се случило во моментов“.
И британските и германските медиуми во четвртокот вечерта објавија дека е постигнат договор меѓу клубовите за висината на обештетувањето. Според сите извори, би требало да изнесува повеќе од 100 милиони евра, а со тоа и рекорд кога се во прашање доаѓањата на играчи во германската Бундес лига.
Меѓутоа, истата вечер се појави вест дека Кејн размислува за заминување. Сепак, во петокот беше објавено дека се е договорено и дека најдобриот стрелец во историјата на Тотенхем чека дозвола од клубот, со кој има сè уште важечки договор до летото 2024 година, да замине во Минхен на медицински прегледи.
И англиски и германски извори пренесуваат дека 30-годишниот Кејн треба да потпише четиригодишен договор со Баерн и да добива плата од 25 милиони евра годишно.
Но, кога веќе беше објавено дека само се чека доаѓањето на Кејн, од Англија почнаа да пристигнуваат вести за колебањето на раководството на Тотенхем.
„Ова е голема работа. Се обидуваме да го „киднапираме“ капитенот на Англија и да го извадиме од Премиер лигата“, изјави тренерот на Баерн.
Иако се шпекулираше дека Кејн би можел да почне да игра во дресот на Баерн на саботниот натпревар од Суперкупот против РБ Лајпциг, сега прашање е дали тоа воопшто ќе се случи.
На Баерн му е очајна потреба од плоден стрелец, некој кој ќе може да ја пополни празнината што ја остави Роберт Левандовски при заминувањето во Барселона, а најдобар стрелец на англиската репрезентација на сите времиња со 58 гола и автор на 280 гола во 430 настапи за Тотенхем, секако има аргументи дека е способен за тоа.