Врз основа на стручното мислење од Комисијата за брани во склоп на Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за управување со кризи (ЦУК) побарал да бидат преземени понатамошни дејствија во однос на двете нестабилни карпи над браната Матка.
Како што соопшти на денешната прес-конференција директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, ЕВН Електрани побарале од Градежниот факултет да биде изработена програма со мерки и дејствија кои начелно треба да бидат преземени за да биде отстранета оваа опасност за граѓаните.
Врз основа на таа програма, како што појасни, понатаму треба да се изработи проектна програма која детално ќе го уреди начинот на кој ќе биде отстранета опасноста и врз основа на тоа ЕВН Електрани ќе треба да распише тендер со кој ќе најде изведувач за надминување на опасноста.
– Генерално размислите одат во две насоки, едната е карпите да бидат стабилизирани на местото на кое се наоѓаат со специјални уреди и механизми со што тие би биле прицврстени за карпата, а втората варијанта е контролирано рушење – посочи Ангелов.
Разликата помеѓу овие две големи нестабилни карпи и другите низ земјава е тоа што овие можат да паднат во близина на браната или врз одводниот канал од браната Матка.
На втората нестабилна точка, од ЕВН Електрани е ангажиран алпинист кој има поставено уред за мерење на поместувањето на карпата, т.н. тензиометар. Овој уред мери колку карпата се движи преку ден и ноќе, односно при промена на температура бидејќи надворешните влијанија се одразуваат на ваквите карпи. Првата карпа е со димензии од 6 до 8 кубни метри или околу 20 тона, додека втората карпа е значително поголема. Овие карпи се нестабилни, но не значи дека се такви од скоро, може се со децении, при евентуален нивен пад може да настане загрозување за Град Скопје, појасни Ангелов.
За сево ова е одржан координативен состанок на кој биле присутни сите засегнати субјекти од оваа област, претставници на ЦУК, на Државниот инспекторат за животна средина, Градежниот факултет, Градежниот институт, Геолошкиот завод ИЗИС, ДЗС и МВР.
Било побарано мислење од Комисијата за брани од каде е добиено загрижувачко мислење во кое тие ја потврдиле нестабилноста на карпите, но притоа укажале дека прогнозата кога овие карпи би паднале е исто толку тешка како да се прогнозира земјотрес.
Прашан кога би се решил проблемот, Ангелов посочи дека процедурата е бавна, но тече.
– Од нашето првично информирање до сега се преземени низа мерки и дејствија, вклучително и поставување знаци на опасност. Да се направи детална програма која детално ќе утврди на кој начин ќе биде отстранета опасноста, а веднаш потоа ЕВН Елекетрани ќе распишат тендер на којшто ќе одберат изведувач, бидејќи вакви изведувачи не се наоѓаат насекаде, но Европа има сериозни компании коишто работат токму на оваа проблематика – додаде Ангелов.