Циклонот Габриел уби девет лица во Нов Зеланд оваа недела, меѓу кои и двегодишно девојче. 4.500 се уште се водат како исчезнати. Како резултат на циклонот, на Северниот остров беа извршени големи евакуации на жителите од погодените области, има извештаи за прекини на електричната енергија и оштетување на недвижен имот и инфраструктура.
Циклонот Габриел, кој оваа недела го зафати северниот остров на Нов Зеланд со силни ветрови и дожд, однесе девет животи. Властите стравуваат дека тој ќе земе повеќе жртви, бидејќи сè уште не се контактирани повеќе од 4.500 луѓе, изјави денеска премиерот на Нов Зеланд Крис Хипкинс за време на посетата на најтешко погодениот регион Хокс Беј.
Тој рече дека ситуацијата во регионот е многу тешка, во градот Напиер нема струја и центрите за евакуација се полни. Тешко беше погодена и лозарската долина Еск, каде калта и надојдените води ги уништија посевите и куќите, пренесува локалниот весник New Zealand Herald.
Од оваа долина денеска е пријавена смртта на двегодишното девојче кое надојдените води го однеле. Во текот на ноќта била пријавена смртта на уште еден пожарникар, кој бил однесен од лизгање на земјиште во близина на Окленд за време на спасувачката операција.
Премиерот Хипкинс рече дека денеска од прва рака го видел огромното влијание што циклонот ќе го има врз земјата. Тој оцени дека последиците од нив ќе ги чувствува целата држава уште подолго време.
Регионот Хокс Беј, кој се наоѓа на источниот брег на Северниот остров, е важен извор на храна за островската држава со многубројните овоштарници и фарми. Премиерот предупреди дека поради последиците од циклонот мора да се подготват за прекини во снабдувањето со храна. „Ќе се справуваме со последиците од овој циклон уште некое време“, посочи тој, додавајќи дека сè уште не може да го процени обемот на задачите што претстојат, пренесува германската новинска агенција dpa.
Како резултат на циклонот, на Северниот остров беа извршени големи евакуации на жителите од погодените области, има извештаи за прекини на електричната енергија и оштетување на недвижен имот и инфраструктура. На места шест дена се без струја, телекомуникации и интернет. Хипкинс рече дека 62.000 домаќинства сè уште се без струја.
Евакуации поради страв од лизгање на земјиштето и денеска се одвиваат.
Службите за итни случаи се сериозно загрижени дека циклонот може да однесе повеќе животи. Бидејќи се отсечени од светот поради големите поплави, тие се уште не успеале да остварат контакт со повеќе од 4.500 луѓе. Тие ги користат сите расположливи средства за потрага по исчезнатите, а од денеска на спасувачите им помага и екипа од Австралија.
Брод со 26 тони залихи пристигна и во заливот Хокс, а армијата воспостави команда во регионалниот штаб, градот Напиер, пишува New Zealand Herald.