Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7% на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8% во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка.
Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за 1% во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за 7%. Во првиот квартал лани цените на становите се зголемија за 18,8% на годишно ниво, односно од 1,3% на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6%, односно од 12,9%о, а во третиот квартал од 2,9%, односно од 11 %.
Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани.
Велковски вели дека е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и оти нивната цена расте. Добрата работа, според него, е што добар дел од инвеститорите почнаа да градат на периферијата на градот, што е за поздравување, но како што укажува тоа треба да го следи соодветна инфраструктура.
– Цените на становите за изминатиот период не се реални, но се очекувани согласно тоа кои се сега во игра како градители на станови. Кога сопствениците на парцели за градба видоа дека градителите ги покачија цените на становите и тие ги зголемија нивните услови. Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега стасува и до 40 проценти од земјиштето – вели Велковски.