На светските берзи цените на нафтата паднаа за повеќе од 11 отсто минатата недела, спуштајќи се на најниските нивоа оваа година, бидејќи трговците стравуваат од рецесија, а со тоа и слабеење на побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 11,1 отсто, на 76,10 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 11,2 отсто, на 71,02 долари.
На самиот почеток на минатата недела цените на нафтата пораснаа бидејќи стапи на сила ембаргото на Европската унија за руската нафта испорачана со бродови.
Дополнително, Унијата заедно со членките на Г7 постави граница на цената на руската нафта, 60 долари, со цел да се намалат руските приходи од продажбата на нафта.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, на редовен состанок ја потврдија одлуката за намалување на производството за два милиони барели дневно.
Сето тоа ги поддржа цените на „црното злато“. Сепак, од средината на неделата, цените на нафтата беа под притисок по слабите економски показатели од САД, Кина и Европа.
Покрај тоа, трговците стравуваат дека американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, ќе западне во рецесија, како што предупредија шефовите на неколку големи банки и многу аналитичари.
Според нив, прашање е само дали рецесијата ќе биде плитка или подлабока.
Ова е резултат на високата инфлација, поради што американската централна банка агресивно ги зголемува клучните каматни стапки од почетокот на годината.
Последниот состанок на ФЕД оваа година се одржува оваа недела, а по серијата каматни стапки за 0,75 процентни поени, проценува пазарот дека челниците на централната банка ќе ги зголемат каматните стапки за 0,50 процентни поени.
Оваа недела седници ќе одржат британската и европската централна банка. И двете се очекува дополнително да ги зголемат каматните стапки за 0,50 процентни поени, што би требало да ја ослабне инфлацијата.
Сепак, повисоките трошоци за задолжување ќе ја забават економската активност, што ќе значи и послаба побарувачка за нафта.
Поради рускиот напад врз Украина, цената на нафтата силно порасна во март и во еден период достигна 140 долари за барел, што е највисоко ниво од 2008 година.
Меѓутоа, како што централните банки ширум светот почнаа агресивно да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, цените на нафтата постепено се вратија на нивоата пред руската инвазија.
Меѓутоа, во последните денови цените на нафтата се движат околу најниските нивоа оваа година.