Руските власти истакнаа дека одлуката на Европската Унија за прекин на увозот на руска нафта веројатно ќе ги дестабилизира светските пазари, нарекувајќи ја одлуката самоуништувачки чекор кој ќе ѝ се одмазди на Европа.
Лидерите на Европската Унија во понеделникот договорија дека ќе сопрат 90 отсто од увозот на нафтата од Русија до крајот на годината, што се досега најсилните санкции од почетокот на инвазијата на Украина.
„Одлуката на Европската Унија за делумно напуштање на руската нафта и нафтените деривати, како и забраната за осигурување на руските трговски бродови, многу веројатно ќе доведе до дополнителен раст на цените, дестабилизација на енергетските пазари и нарушувања во синџирите на испорака“, соопшти руското министерство за надворешни работи.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кажа дека потегот на Европа ќе ѝ одземе значително количество средства на Москва и ќе изврши дополнителен притисок за прекин на инвазијата, но Русите тврдат дека со тоа се уништува европската економија.
„Брисел и неговите политички спонзори од Вашингтон сносат целосна одговорност за ризикот за влошување на глобалната прехранбена и енергетска криза предизвикана од нелегитимното дејствување на Европската Унија“, соопшти руското министерство.