Министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ се договорија механизмот за ограничување на цената на гасот да се активира кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот природен гас во период од три последователни дена, се дознава од дипломатски извори.
Унгарија беше единствената против тој плафон, Австрија и Холандија беа воздржани, а Германија го поддржа. Сите овие земји претходно се спротивставија на интервенцијата на пазарот на гас и на ограничувањата на ценитe.
За одлука не е потребен консензус, туку е доволно квалификувано мнозинство, што значи дека мора да биде поддржана од 55 отсто од земјите-членки, односно 15 од нив, кои сочинуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на Унијата.
Механизмот ќе почне да се применува од 15 февруари следната година и ќе важи една година.