Се повеќе Руси во Србија стравуваат за својата безбедност бидејќи повеќето од нив се против војната во Украина и режимот на Владимир Путин. Руската паравоена група „Вагнер“ заедно со нејзиното десничарско крило Зли орли и српските екстремисти будно го следат нивното однесување и им се закануваат за нивното наводно предавство. Аналитичарите предупредуваат дека заканата е сериозна и дека државните органи на Србија треба да им обезбедат заштита на овие луѓе, како и на сите други во земјата.
Масовно бегство во потрага по сигурност
Од почетокот на војната во Украина, бројот на Русите во Србија порасна на повеќе од 150.000, поради што за нив се повеќе се интересира озлогласената приватна армија Вагнер, чии основачи се Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин, кои се тесно поврзани со режимот на Путин. Така, српската десничарска група Зли орли, која стана дел од групата Вагнер, има само една задача – да собира податоци за таканаречените „руски либерали“ во Србија.
Сè повеќе Руси во Србија се свесни за опасноста. Така, Петар Никитин, Русин кој живее и работи во Србија, за „Еуроњуз Србија“ истакнува дека руските либерали се шпионираат на социјалните мрежи, па поради овој притисок тие одбегнуваат да одат на антивоени собири.
– „Руски либерали“ е термин кој се користи за руските граѓани кои не ја поддржуваат војната во Украина и владата на Владимир Путин. А таков сум јас и повеќето од 140.000 Руси кои дојдоа во Србија. Дел од нив се исплашени, особено оние кои имаат намера да се вратат во Русија и кои имаат семејства таму. Тоа е целта на Вагнер – нагласува Никитин.
Како што вели, „Вагнерците“ ги следеле кога имало антивоени демонстрации организирани од Руси, Украинци и Белоруси во Србија.
– Објавија фотографии од луѓе од митинзи и ги претставуваа како криминалци или наркомани, користејќи информации од јавен карактер од нивните профили. Секако дека тоа ги демотивира луѓето. Но, ако се плашиме од тоа, едноставно се срамам да се плашам од нив. Има доволно луѓе кои не се плашат од нив – изјави Никитин.
Злите орли, српски огранок на Вагнер
Постои поврзаност меѓу српските ултрадесничари и Вагнер, а доказ за тоа е неодамнешната посета на Дамњан Кнежевиќ, лидерот на Народната патрола на штабот на Вагнер во Санкт Петербург. Аналитичарите не се сомневаат дека Вагнерците се поврзани со режимот на Путин.
Владе Радуловиќ од Центарот за геостратешки истражувања и тероризам за „Блиц“ истакнува дека активностите на Вагнер се координирани со рускиот државен врв.
– Ова е типично за авторитарни режими, каков што е рускиот. Во исто време, Вагнерците не се насочени само кон Русите, туку и против сите што се против Путин и војната во Украина. Затоа е важно прашање кој ја контролира таа Вагнер и групата Зли орли, бидејќи нивното делување е сериозен безбедносен проблем кај нас – предупредува Рдауловиќ.
Како што вели, доколку такви групи дејствуваат во Србија, државата би требало да одговори.
– Толку голем број Руси побегнаа во Србија затоа што мислеа дека нашата земја е сериозна и стабилна и дека нема да мора да се плашат за своите животи овде. Моментално ситуацијата е таква што ако сте против Путин и војната во Украина, ризикувате да бидете нападнати на улица. Нашата држава е должна да обезбеди безбедност на сите во државата – подвлекува Радуловиќ.
Зад Вагнер е руската разузнавачка служба
Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика тврди дека задачите на Вагнер групата и организациите поврзани со неа се: зајакнување на руското присуство и поддршка на режимот на Владимир Путин.
– Ова секако е еден од главните приоритети за работата на оваа групација. Имаме многу голема популација на Руси кои избегаа од Русија и на некој начин со делувањето на социјалните мрежи вршат притисок, како што самите кажаа, за таа група да биде дисциплинирана и да не изразува многу критички ставови кон режимот на Путин. Самото физичкото присуство не е толку неопходно – изјави Петровиќ за „Еуроњуз Србија“.
Како што вели тој, групата Вагнер е поврзана со руската воена разузнавачка служба и црпи разузнавачка логистика од руската држава, поради што е толку ефикасна на терен.
– Фактот што таму патуваа екстремни десничари од Србија треба да не загрижи, а безбедносните и разузнавачките служби треба да го увидат тоа. Обвинителството може да се справи со тие групи, доколку упатат закани кон либералите, и да потсетам, веќе има случаи на закани од канали кои се блиски до групата Вагнер – укажува Петровиќ.
Тој потсетува дека групата Вагнер учествувала во разни конфликти и војни – во Украина, Либија, Сирија, Мозамбик, Судан и Централноафриканската Република.