Најмалку 24 лица загинаа во поплави и одрони предизвикани од тропска бура во северниот дел на Филипините.
Втор ден на главниот остров Лузон нема услуги освен итните служби. Тропската бура Трами ја погоди провинцијата Изабела на североистокот на земјата.
Денеска бурата почна да се повлекува кон Јужното Кинеско Море, а метеоролозите предупредуваат дека може да се засили во тајфун.
Најтешко беше погоден регионот Бикол, со најголем број жртви.
Спасувачките операции се во тек, а на помош се ангажирани околу 1.500 полицајци.
Повеќе од два милиони луѓе беа погодени, а 75.400 беа раселени од своите домови. Оштетени се повеќе од 1.000 куќи, а речиси 300 патишта и мостови се непроодни. Поморските врски се прекинати во повеќе од 120 пристаништа, што запре речиси 7.000 патници.
Околу дваесет бури и тајфуни ги погодуваат Филипините секоја година. Еден од најразорните беше тајфунот Хајан, кој предизвика илјадници жртви во 2013 година.