Израелската армија постигнала 80 отсто од своите цели во Газа, а останатите 20 отсто може да чекаат, се согласуваат три високи воени функционери во Израел. Колумнистот Аншел Фафер во текст за израелскиот весник „Хаарец“ напиша дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и генералите сакаат да ја прекинат војната, но бараат начин тоа да го направат тајно.
Сепак, мотивите на Нетанјаху за завршување на војната се различни од оние на генералите и се лични и политички, вели колумнистот.
„Израелскиот премиер во моментов е подготвен да ја разгледа опцијата за завршување на војната, иако – од очигледни политички причини – не може да го каже тоа“, се вели во текстот.
Истото важи и за двајцата членови на Воениот кабинет, Бени Ганц и Гади Ајзенкот, кои јавно велат дека војната мора да продолжи по кратка пауза поради договорот за заложници.
Според Фафер, началникот на Генералштабот Херци Халеви ја дели истата позиција како Ганц и Ајзенкот, што им го посочил на семејствата на заложниците што ги сретнал пред две недели. Тој рече дека армијата „постигнала 80 отсто од своите цели во Газа“, а останатите 20 отсто може да чекаат.
Според весникот, тројцата воени функционери се свесни дека секоја реална кампања за искоренување на контролата на Хамас во Газа ќе трае со години и може да се преземе само откако безбедносните сили на палестинската управа ќе можат да почнат да ја преземаат контролата врз областа.
А за такво нешто треба време и нова влада во Израел. Министрите Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич прават сè што е во нивна моќ да го спречат тоа да се случи додека тие се министри.
Ганц, Ајзенкот и Халеви, исто така, се загрижени за заморот од војната и заморот на израелското општество и потребата да се обноват редовните и резервните единици во израелската армија.
Покрај војната во Газа, тие се повеќе се загрижени дека ситуацијата на северната граница и ограничениот конфликт со Хезболах може да излезе од контрола.
Затоа, според колумнистот Фафер, неопходно е да се стави крај на конфликтот во Појасот Газа и да се реши проблемот со Хезболах, преку голема воена операција или постигнување политичко решение преку дипломатски средства.
Најважно од сè, според авторот на анализата, е тоа што генералите знаат дека се намалуваат шансите затворениците што ги држеше отпорот во Газа да бидат вратени живи како што поминува времето и продолжува војната.
Иако авторот истакна дека прекинот на огнот нема да значи продолжен период на мир во Газа, тој смета дека следната рунда на конфликт со Хамас е неизбежна, но може да биде поограничена и не треба да се случи веднаш.