Тројца од вкупно четворицата малолетници, кои во петокот беа донесени на Клиниката за токсикологија, ќе бидат пуштени на домашно лекување, а едниот ќе остане на дополнителни иследувања.
– Кај тројца малолетници, параметрите се задоволителни и ќе бидат пуштени. Еден од пациентите ќе остане поради дополнителни иследувања – изјави попладнево за МИА, директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев.
Четирите малолетници, од кои двајца во бесознание, беа пронајдени во куќата на 40-годишник и донесени на Клиниката за токсикологија. По извршените испитувања беше утврдено присуство на психоактивни супстанци.
Основното јавно обвинителство – Скопје во саботата информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишникот кој се сомничи за тешки дела против здравјето на луѓето. Според Обвинителството, осомничениот со децата консумирал алкохол и во текот на вечерта извадил лекови, што ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил да ги испијат за подобро расположение. Тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохол, иако бил свесен за штетната последица и ги оставил во сериозно влошена здравствена состојба што самиот ја предизвикал.
Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта во четвртокот пристигнале во куќата на 40-годишниот Д. Ѓ. во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица.
40-годишникот е приведен и ги потврдил исказите од малолетните лица. Тој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.
– Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале и при тоа се здобиле со повреди – информираа од СВР Скопје.