Трите ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи ќе полетаат да го гасат пожарот кај село Соколарци во општина Чешиново-Облешево поради опасност тој да се приближи кон населено место или да навлезе во висококвалитетна шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Неколку пати повеќе граѓани се јавиле на единствениот повикувачки број за итни повици 112 и пријавиле пожар на трева, грмушки и нискостеблеста деградирана шума на ридот близу манастирот „Св. Ѓорѓија“ кај селото Соколарци.
– Три екипи на ТППЕ Кочани итно се упатени на терен, а повикани се и екипи на Доброволното противпожарно друштво Кочани. Просторот кој го зафаќа пожарот е над 50 хектари и во моментот се движи во правец на селото Рајчице, во дел на непристапен широк шумски појас – информира ЦУК.