Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Министерството за економија ќе изготви конкретен план по кој ќе постапуваат во однос на спроведувањето на Законот за нефер трговски практики, со цел да се заштитат земјоделците и потрошувачите, изјави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
– Во комуникација сме со надлежното Министерство за економија. Ќе направиме план како ќе дејствуваме за да ги заштитиме и земјоделците и граѓаните. Работиме на тоа како во наредниот период правилно да постапиме со цел земјоделците да не бидат оштетени зашто во минатото, оштетена страна единствено беа тие, а сите други имаа сериозен профит што беше на штета на граѓаните. Затоа, во наредниот период, заедно со Министерството за економија ќе излеземе со конкретен план како ќе постапиме за да ги заштитиме и земјоделците и граѓаните – рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која беа презентирани злоупотреби со земјоделските субвенции.