Ракот на бубрези најчесто се развива кај лица постари од 40 години, почесто кај мажите, отколку кај жените.
Постојат неколку видови на рак на бубрезите. Ракот на бубрежните клетки (аденокарцином) е најчест и чини 85 отсто од сите дијагностицирани случаи на ракот на бубрезите. Значително поретки се: бубрежниот сарком и Вилмсов тумор, кој често се дијагностицира во детската возраст.
Анатомија на бубрезите
Бубрезите се парни органи со овална форма, сместени во задниот дел на абдоменалниот ѕид, во висона на горните лумбални пршлени. Десниот бубрег обично лежи малку пониско во споредба со левиот, поради црниот дроб којшто се наоѓа над него. Бубрезите се црвеникаво-кафеани по боја, кај возрасен човек се долги околу 10 сантиметри и со големина на стегната тупаница. Бубрегот е обвиткан во сврзна капсула околу која има слој од масно ткиво кое го зацврстува бубрегот во неговата положба.
Главната улога на бубрезите е да ја филтрираат крвта, со што од организмот се отстрануваат штетните производи на метаболизмот, токсините, лековите, вишокот соли и течности. Крвта за филтрација во бубрегот ја доведува бубрежната артерија, додека прочистената крв од бубрезите ја земаат бубрежните вени. Од вишокот вода и штетните материи во бубрезите се создава урина. Урината што се формира во бубрежните канали се собира во капка, од каде преку мочоводот (уретер) се цеди до мочниот меур и понатаму преку мочниот канал (уретрата) се излачува надвор од телото.
Освен излачување на штетните материи и вишокот вода од организмот преку урината, бубрезите имаат и неколку дополнителни функции:
– Регулација на киселоста на телесните течности (ацидобазна рамнотежа)
– Излачување на хормони (еритропоетин, ренин, простагландини)
Како да се открие ракот на бубрезите
Ракот на бубрезите во почетокот на дава никакви симптоми, па во тој стадиум се открива случајно, во рамките на систематските прегледи или во текот на прегледот поради некои други здравствени проблеми.
Три симптоми што се појавуваат истовремено:
1. болка во половината
2. крв во урината (хематурија) и
3. маса која може да се напипа во половината, во медицината е опишана како типичен знак за рак на бубрегот.
Меѓутоа, таквата комбинација на симптоми се појавува само кај 10 отсто од пациентите. Од општите симптоми, најчесто се појавуваат:
– губење на телесна тежина
– замор
– зголемена телесна температура
– исцрпеност
– анемија и слично.
Ракот на бубрези може да се манифестира и со низа симптоми кои без внимателна обработка тешко се поврзуваат со бубрегот. Тоа може да бидат лабораториски промени како еритроцитоза, хиперкалцемија, хипогликемија или продолжено протромбинско време. Понекога како прв знак на рак на бубрезите може да се појави хипертензија (зголемен крвен притисок).