Вечерва на сцената на Македонскиот народен театар, во 20 часот ќе се одбележи роденденот на Танц фест Скопје, кој полни 18 години. Во програмата, во короеграфијата „Котел“ на Рисимкин ќе настапат младите танчери: Сара Димовска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Цветковска, Емилија Милак, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, кои се школуваат на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а кои, од годинава влегуваат во состав на Скопје танцовиот театар 2, како подмладок и нова креативна снага на современата танцова сцена кај нас.
Музиката за „Котел“ е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски. Второто дело е „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, музика Herzel-Glimmering Eyes, Sawf-Sand, а ќе настапат Дејан Битровски, Сара Димоска, Стефани Шааршмит, Андреј Димоски и Викторија Коцева.
За крај ќе се изведе претставата и „Идентитети – Историја на еден растегната сон“ на Рисимкин, со Скопје танцовиот театар, претставата која во Париз беше оценета како брилјантана, а Рисимкин како софистициран, авангарден кореограф. Музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизјан на сцена и светло на Матеа Мијановиќ. Ќе настапат Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Викторија Коцева, Андреј Димоски, Стефани Шааршмит и Емилија Милак.
Танц фест Скопје 2022 е поддржан од Министерство за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, Францускиот институт Скопје, Дом на Арм Скопје, Perform Europe, East is Best, Културанова. Покровители на Танц фест Скопје 2022 се „Виталија“ и „Бовин“.
Во рамки на вечерашната претстава, ќе се прочита македонската порака за Меѓународниот ден нa танцот, (Македоснки центар на ИТИ), која годинава ја напиша Олга Панго, балерина и кореограф, актуелна уметничка раководителка на Балетот при НОБ. Таа, во пораката, меѓудругото ни порачува: „Танцот е слобода со која се надминуваат најсложените и најтешките ситуации во животот. Танцот е толку возбудлив и забавен што ние кои се занимаваме со него сме среќни луѓе. Во времиња како овие, времиња на големи искушенија и транзиции, во ерата на пандемијата, единствениот спас е да се прочистуваме со нешта кои се возвишени: како танцот и уметноста воопшто. Танцот опстојувал, опстојува и ќе опстои независно од тоа колку општеството ќе ги поддржи оние кои го негуваат, се борат и живеат од него, со него и во него. Секојдневното присуство на танцот нè прави само посреќни и побезгрижни. Танцувајте колку можете повеќе. Користете го телото за убавина и естетика, така го зголемувате количеството на дух кој ни е потребен, за да опстоиме како единки и група во овие чудни времиња за битисување. Танцувајте секој ден, учете ги вашите деца да танцуваат и да бидат среќни. Помогнете им на постарите и немоќните да го придвижат своето тело за да се чувствуваат подобро. Танцувајте, танцувајте и само танцувајте! Така светот ќе го направиме подобро место за живеење.“