Три лица се повредени во сообраќајната несреќа што се случила ноќеска на булевар АСНОМ во Скопје меѓу автобус на ЈСП Скопје и патничко возило.
Со тешки телесни повреди се здобила сопатничка во возилото, а со телесни повреди двајцата возачи, потврдија за МИА од СВР Скопје.
Како што појаснуваат, ноќеска вo 23.50 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосница од булеварот АСНОМ со сервисна улица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(29) од Скопје, и автобус на ЈСП, управуван од С.Б.(33) од Скопје.
– Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило С.М.(33) од Кочани, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје – изјавија од СВР Скопје.
На крстосницата кајшто се случи сообраќајката и изутринава имаше остатоци од оштетените возила, а сообраќајот се одвиваше по една лента.