Три лица се полесно повредени во хеликоптерска несреќа во Шпанија, кога хеликоптер се урна на обиколницата во Мадрид.
Несреќата се случила на патот М-40 на северот на Мадрид, недалеку од велесаемот ИФЕМА, каде деновиве се одржува саем на европското воздухопловство Европски ротор. На местото на несреќата се наоѓаат противпожарни возила и Брза помош.
Едниот од пилотите на хеликоптерот сам излегол од леталото, а на другиот му помогнала спасувачката служба, јави шпанската државна телевизија ТВЕ. Првиот има полесни повреди на главата, а вториот пилот има повреди на бутната коска.
Полесно е повредено и уште едно лице, возачот на автомобил кој поминувал по автопатот кога таму се урнал хеликоптерот. Тој се здобил со расекотини од скршено стакло.
Причината за несреќата сè уште не е позната, а истрагата е во тек.