Три експлозивни направи биле фрлени ноќеска, два часот по полноќ врз куќите на српските семејства во Ранилуг, Косово и Метохија, потврдија од Канцеларијата за Косово и Метохија.
Експлозивни направи биле фрлени кон куќата на директорот на градинката „Пчелица Маја“, Срѓан Ристиќ, заменик градоначалникот на општина Ранилуг Владица Аритоновиќ и директорот на Центарот за социјална работа Зоран Ристиќ.
Ова е петти бомбашки напад во Ранилуг во изминатите два месеци.
Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ денеска изјави дека врз куќите на претставниците и лидерите на Српската листа биле фрлени три бомби со цел да ги заплашат и да ги принудат да ги напуштат домовите, а се со цел етничко чистење на Србите, што Курти континуирано го спроведува.
Во нападите е причинета голема материјална штета, но нема повредени.
Според Петковиќ, станува збор за брутално заплашување на претставниците на Српската листа, кои дојдоа само неколку дена по заканите на Аљбин Курти дека Србите и Српската листа „ќе трпат и ќе платат“, пренесуваат српските медиуми.
-Курти почна да го реализира својот план со тоа што прво уапси тројца Срби, а сега гледаме дека се фрлени бомби врз три српски куќи. Очекуваме овие заканувачки напади врз претставниците на Српската листа да бидат сериозно сфатени и истражени, бидејќи тие испраќаат јасна порака и закани за Србите да ги напуштат своите вековни огништа – рече Петковиќ.
Тој додава дека Канцеларијата за Косово и Метохија ќе ги информира и меѓународните претставници за овие, како што вели, синхронизирани и планирани напади.