Сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги за „Црн петок“, имаат обврска да ги изразат и наведат при издавање на сметката, односно, пресметаниот данок на додадена вредност да биде наведен во сметката со новосоздадената цена, апелираат од Управата за јавни приходи (УЈП).
„Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО), задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место, да постават соопштение со кое го информираат купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка“, велат од УЈП.
Од Управата додаваат дека потрошувачите се должни да побараат фискална сметка и истата да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот на доброто, заради контрола.
Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки. Ова може да го направат преку Е-пошта: info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви: 0800 33 000, 02 3253 200 или на бројот 198 за пријавување неправилности.