Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 2,63 милијарди евра (2,85 милијарди долари) и бележи пад од 5,3 % во однос на истиот период од претходната година, објави државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3,75 милијарди евра (4,06 милијарди долари), што е за 3,8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 1,11 милијарди евра (1,20 милијарди долари).
Вкупниот обем на трговска размена во овој период е 6,40 милијарди евра (6,92 милијарди долари).
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – април 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.