„Дваесет години сум вработена во Министерството за труд и социјална политика, девет години во приватниот сектор и три години во граѓанскиот сектор. Со цело тоа искуство сметам дека можам да одговорам на предизвиците со кои се соочува Министерството за труд и социјална политика“ рече Тренчевска на почетокот од утринското интервју за Слободен печат.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од утринската програма на Слободен печат. На гостувањето беа опфатени кампањата на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“, предизвикот со говорот на омраза и семејното насилство, покачување на минималната плата и покачувањето на пензиите, како и работата на градинките и центрите за социјална работа.
„Месец март го посветивме на жената со кампањата „Гласна и храбра“, нашата цел е да зборуваме 30 дена и да делуваме 365 дена во годината. Опфативме различни жени од различни целни групи, имавме средби со жени од здравствената заштита, жени претприемачки, ранливи категории на граѓани, жени во безбедносниот сектор, жени жртви на насилство“ истакна Тренчевска.
Министерката ја најави и Регионалната конференција која ќе се одржи на крајот од месец март и истакна дека таму ќе бидат сумирани и презентирани податоците од кампањата.
За време на гостувањето министерката се осврна и на зголемувањето на минималната плата кое се усвои изминатиот период.
„Кога дојдов како министерка, прво решение кое го донесовме беше измената на Законот за минимална плата односно донесување на системско решение кое ќе значи постојан раст на платите. Ако сме популисти ќе донесевме решенија кои ќе даваат резултат на краток рок. Меѓутоа интенцијата на оваа Влада и на министерството е да носиме системски решенија. Законот за минимална плата го гарантира тоа“ посочи Тренчевска.
Таа истакна дека за носењето на ваквото решение немаше отпор од страна на релевантните чинители, туку дека ова решение е донесено преку консензус. Министерката посочи дека приватниот сектор не треба да се врзува за минималната плата како основна плата за сите вработени, туку плата под која не смее да биде исплатен ниту еден работник.
Во однос на реформата на јавната администрација министерката истакна дека јавната администрација мора да биде мала и ефикасна. Таа посочи дека администрацијата мора да биде ефикасна затоа што таа ги испорачуваат услугите до граѓаните. Тренчевска истакна дека реорганизацијата на јавната администрација е неопходна, но дека тоа не е процес кој се случува преку ноќ.
На крајот од гостувањето министерката зборуваше и за работата на градинките и центрите за социјална работа, таа истакна дека предизвикот предучилишното образование е евидентен во државата и затоа со Министерството за труд и социјална политика овозможува зголемување на капацитетите на градинките. Во однос на центрите за социјална работа таа посочи дека има центри кои одлично си ја вршат работата, но и дека има центри кои треба да се подобрат. Министерката го заврши интервјуто со забелешката „Центрите за социјална работа се сервис на граѓаните и така и треба да се однесуваат“.