Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во вчерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21 зборуваше за неколку актуелни теми, како Законот за родова еднаквост и шпекулациите во јавноста околу него, за состојбата со семејното насилство во државата и механизмите за негово спречување и заштита, како и измените на Законот за работни односи предложени од страна на пратеници во Собранието, кои се однесуваат на потребата од работно време подолго од 8 часа.
Министерката Тренчевска ја информираше јавноста за целта и значењето Предлог законот за родова еднаквост со цел расчистување на дилемите поради неговата погрешна интерпретација која настана во јавноста.
„Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција се два различни закони, а во јавноста дојде до нивно спојување и мешање. Законот за матична евиденција е повлечен од процедура затоа што треба да се направат зајакнати заштитни механизми, за да не се злоупотреби и се однесува на чувството на индивидуата. Додека пак Законот за родова еднаквост за кој во тек се јавни дебати, јасно дефинира што е пол, а што род. Законот ќе донесе зајакнати механизми на локално и национално ниво, со назначени координатори кои ќе работат на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите. Втора работа е родова интеграција, воспоставуваме програми и политики кои се родово сензитивни и воспоставување на Секретаријатот за родова еднаквост низ кој ќе поминуваат сите документи, програми и договори и ќе се внимава особено на тоа дали постои дискриминација и без позитивно мислење нема да можат да поминат на Влада,“ истакна Тренчевска.
На тема семејно насилство и состојбата во државата, министерката Тренчевска ги изнесе последните податоци за пријавени случаи, но посочи и дека, тие не се вистинската слика за состојбата во државата. Таа го нагласи значењето за подигање на свеста за препознавање на насилството, негово пријавување и механизмите кои ги употребуваат институциите задолжени за негово сузбивање и заштита.
„Согласно податоците за пријавени случаи на семејно насилство, од 30 Центри на ниво на држава, евидентирани за 2022 година се: 1543 жртви, од кои 1074жени и 252 мажи и 227 деца. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство го уредува постапувањето на институциите со должно внимание и следуваат казни за стручните лица доколку не постапат соодветно. Истовремено работиме и со жртвата и со насилникот, за да не дојде до повторување на делото,“ посочи Тренчевска.
Министерката Тренчевска зборуваше и за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д од страна на американско -турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, поточно за прекувремената работа на работниците кои ќе работат на него. Притоа, таа појасни дека е шпекулација дека се работи за работно време од 60 часа. Како и дека не значи дека сите работници на Коридорите ќе работат прекувремено.
„Секоја дополнителна работа се плаќа. Прекувремена работа секогаш постоела во градежништвото и секогаш кога се работеле стратешки проекти од национален интерес се работело прекувремено. Затоа што во голем обем зависи и од временските услови. Во јавноста се создадоа шпекулации, измените на законот не предвидува 60 часа, туку повеќе од 8 часа. Овие измени на законот треба да се променат и да се додаде горната граница на работни часови. А за да еден работник работи прекувремено ќе треба да потпише изјава дека се согласува,“ истакна Тренчевска.
Измените на Законот за работни односи беа поднесени од група пратеници во Собранието.