Јавното обвинителство има простор да отвори предистрага за купувањето на трговскиот центар „Соравија“, кој се наоѓа во строгиот центар на Скопје и да провери како внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети се стекнал со 39 отсто сопственост – смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој вели дека обвинителството може да ги задолжи надлежните институции и да ги проверат финансиските текови.
– Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред се финансиските текови, и секако дека Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и на основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи – рече министерот Спасовски.
Од Јавното обвинителство пак велат дека ги следат информациите и дека ќе постапат согласно законот доколку МВР, УЈП или Финансиската полиција достават пријава до нив. Инструментот допрен глас, додаваат обвинителите, се користи доколку постојат сериозни индиции за сторен криминал или кога надлежните органи не постапуваат.
Дрин Ахмети вчера на пресконференција рече дека неговиот чичко Али Ахмети нема ништо со неговиот бизнис, туку му е само мотивација. Не беше објавено колку тежи договорот за купопродажаба на ТЦ „Соравија“ бидејќи било деловна информација, но внукот на Али Ахмети рече дека трговскиот центар има долг од 20 милиони евра, кој тој планира да го отлаќа заедно со бизнис партнер од Албанија.