Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп тврди дека Украина требало да направи отстапки на рускиот претседател Владимир Путин во месеците пред нападот на Русија во февруари 2022 година, изјавувајќи дека дури и „најлошиот договор ќе бил подобар од она што го имаме сега“.
Трамп ја наслика Украина како земја во урнатини надвор од главниот град Киев, без војници и земја со изгубено население поради многу смртни случаи во војна, пишува Асошиејтед Прес.
Забелешките на Трамп доаѓаат откако претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски осуди изјава на Џеј Ди Венс, кандидатот за потпретседател на САД од Републиканската партија, велејќи дека Венс бил премногу радикален што предложил Украина да ги предаде териториите под руска контрола.
Зеленски исто така рече дека Трамп „навистина не знае како да ја запре војната дури и ако мисли дека знае како“.
Според Трамп, пак, „секој договор за крај на војната би бил подобар од она што го имаме сега“.
За замерките на Зеленски, Трамп рече:
– Тоа е нешто за што мораме да разговараме набрзо бидејќи претседателот на Украина е во нашата земја и тој прави мали непријатни асперзии кон вашиот омилен претседател – јас.
Зеленски е во посета на САД, но нема да присуствува на Генералното собрание на ООН, додека вечерва ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден.
Ова е првпат Трамп да зборува во детали за своите ставови за војната во Украина. Тој често тврди дека Русија дека никогаш не би извршила окупација доколку тој бил претседател на САД и дека ќе ја заврши војната ако победи на изборите на 5 ноември.
На претседателската дебата со противкандидатката Камала Харис претходно овој месец, Трамп остро одби да каже дали сака Украина да ја добие војната.