Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обидува да ги постави основите за излегување на САД од Северноатлантскиот договор (НАТО), вели за „Политико“ еден од поранешните советници на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон.
Болтон исто така тврди дека оваа одлука „речиси била донесена“ од Трамп уште во 2018 година.
– На самитот на НАТО во 2018 година, тој беше многу блиску да го напушти НАТО токму на самитот. Така што, за мене, секој коментар што го даде во (последните) шест години едноставно потврдува дека тој е многу сериозен за напуштање на НАТО. Луѓето велат, добро, не е сериозен, се пазари со НАТО. Видете, јас бев таму кога тој за малку ќе се повлечеше, а тој не се пазари бидејќи неговата цел овде не е да го зајакне НАТО, туку да постави основа за повлекување – изјави Болтон коментирајќи ги неодамнешните изјави на Трамп дека САД можеби нема да ѝ помогнат на Европа во случај на војна со Русија.
Џон Болтон беше помошник на Трамп за национална безбедност само кратко време во 2018-2019 година, кога имаше особено актуелна криза во Венецуела поврзана со опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој беше набрзина признаен од САД за претседател на таа земја, а по кој следеа бројни европски земји.
Болтон исто така се смета за еден од најтврдокорните јастреби во рамките на Републиканската партија, оценуваат неговите критичари. Од 2001 до 2005 година беше заменик-државен секретар за контрола на вооружувањето и меѓународна безбедност.
Медиумите потсетуваат дека своевремено тој дури се залагаше за американски нуклеарен напад врз Иран. Како што проценува „Геополитика њуз“, Болтон никогаш не го напуштил начинот на размислување од времето на Студената војна.