Во синоќешното интервју за Фокс њуз, Доналд Трамп откри што му рекол американскиот претседател Џо Бајден набргу откако републиканскиот претседателски кандидат преживеа обид за атентат на предизборен митинг во Пенсилванија.
Да потсетиме, како што изјави Џо Бајден пред новинарите, неколку часа по обидот за атентат врз Доналд Трамп, тој накратко разговарал со поранешниот американски претседател.
„Тој ми рече: „Имаш среќа што свртевте десно“, изјави Трамп (78) за водителот на „Фокс њуз“, Џеси Вотерс за неговиот телефонски разговор со 81-годишниот американски претседател.
Трамп за влакно ја избегна смртта на 13 јули кога ја сврте главата за да погледне во графикон на екранот, токму кога 20-годишниот Томас Крукс отвори оган за време на митингот во Батлер, Пенсилванија.
Поранешниот претседател го окарактеризира својот разговор со Бајден како „убав разговор“.
Во интервјуто, кое беше снимено во саботата, но беше емитувано во понеделникот по локално време, Трамп исто така откри дека одбил наредба да ја напушти сцената на носилки откако куршум му го погодил увото.
„Сакаа да ме стават на носилки. Имаа носилка и сакаа да ме стават на носилка. А јас реков дека нема“, одговори тој.
Агентите на Тајната служба кои легнаа врз него неколку моменти откако одекнаа истрелите, првично веруваа дека тој бил застрелан во стомакот, рече Трамп.
„Само што почувствував дека тоа е увото“, рече Трамп и призна дека „имаше многу крв“, што можеби ги вознемирило агентите.
Трамп рече дека неговото одбивање довело до „мала расправија“ бидејќи агентите „легнале врз него“.
„Им кажав дека сум добро, дека сакам да станам. „Не сакам да ме носат на носилки“, рече тој.
Што се однесува до неговата моментална состојба, републиканскиот кандидат рече дека десното уво му е „добро“ и „се се подобрува“.
„Продолжуваме со мали завои, но беше гадно“, рече Трамп за неговата рана.
За време на средбата со Вотерс, Трамп предложи и да се покрене истрага за да се утврди дали Белата куќа се обидела да ја прикрие физичката и психичката состојба на Бајден.
„Гледате, имавте луѓе кои ја лажеа американската јавност. И јас ти велам, треба да ги провериш неговите лекари, бидејќи лекарите постојано му го даваат овој прекрасен извештај… Јас не сум доктор, но го видов (Бајден) пред некој ден. Не можеше да се качи по детските скали за да влезе во претседателскиот авион. Неговиот лекар вели – патем, јас знам сè за неговиот лекар – неговиот лекар вели дека е во добра здравствена состојба. Тој не е во добра здравствена состојба. Мислам дека не е во добра здравствена состојба“, рече поранешниот претседател, мислејќи на лекарот од Белата куќа, д-р Кевин О’Конор.
Тој исто така откри дека по обидот за атентат се сретнал со директорката на Тајната служба Кимберли Читл.
„Таа, всушност, дојде да ме види. Беше многу фина, си помислив. Но, знаете, некој требаше да се погрижи да нема никој на тој покрив“, додаде поранешниот американски претседател.