Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, денеска изјави дека републиканците ќе ја поддржат помошта за Украина во американскиот Конгрес, но само „во форма на заем“, пренесува порталот Хил.
– Во однос на законот за помош на Украина, во моментов го разгледуваме. Размислуваме да го направиме тоа во форма на заем, а не само како подарок. Продолжуваме да даваме подароци од милијарди и милијарди долари – рече Трамп.
Тој додаде дека чекорите на Европа се многу поважни.
– Треба да дадат пари. Треба да ни парираат. Ако не го сторат тоа, ќе бидам многу разочаран – рече поранешниот американски претседател по состанокот со претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, на кој разговараа за помошта за Украина и за американските избори.
Трамп со месеци изразува скептицизам во врска со обезбедувањето американска помош за Украина во нејзината војна против Русија, тврдејќи дека поддршката на Украина не е витален американски интерес и дека Европа треба да го обезбеди најголемиот дел од помошта.
Неговите ставови влијаеа на неговите сојузници во Конгресот, што го отежнува поминувањето на помошта за Украина во Домот кој е под контрола на републиканците. Соединетите Американски Држави (САД) обезбедија милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина, но на крајот на минатата година останаа без средства кои ги одобрува Конгресот.
Американскиот претседател, Џозеф Бајден, постојано предупредуваше дека поддршката на Украина е во интерес на САД бидејќи „ако Русија ја победи Украина, може да изврши инвазија на сојузник на НАТО, што би ги вовлекло американските сили во поширок конфликт“.
Сенатот минатиот месец усвои пакет за финансирање на националната безбедност од 95 милијарди долари, кој вклучуваше помош од 60 милијарди долари за Украина.