Ќе има и одземање на стока од нерегистрирани трговци на мало, изјави за МИА, директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски, истакнувајќи дека никој не е над законот.
Од утрово екипи на Државен пазарен инспекторат (ДПИ) вршат инспекциски надзори на увозници на овошје и зеленчук, како и на сите трговци на лице место. На терен се над 30 инспектори на ДПИ во координација со тимови на Управата за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за одземен имот.
– Секој што ќе ги прекршува законите, ќе одговара без селекција. Сите акции ќе продолжат интензивно и нема да застанат на цела територија. Утврдено е дека на кванташкиот пазар, а и низ цело Скопје и на цела територија, се лоцирани нерегистрирани трговци на мало. Сите што вршат нерегистрирана дејност, ќе одговараат по законите за кои е надлежен ДПИ. Постапуваме по законот за трговија. Денеска одиме по друг принцип, ќе има и одземање на роба, по законите за кои сме надлежни – рече Трајковски.
Тој нагласи дека системот мора да профункционира, во интерес на сите.
– Никој не може да манипулира со населението. Системот ќе функционира по сите закони. Она што е увидено при деновите на контрола, дека се појавуваат покрај увозниците и нерегистрирани трговци кои вршат дејност, по законот за трговија, ќе им биде одземена робата – додаде Трајковски.
Тој изјави дека има трговци кои се обидуваат да ги манипулираат законите и граѓаните.