Приватен авион „Фуга Мажистер“ денеска се урна во Средоземното Море, во близина на француското крајбрежје, за време на авионско шоу. Пилотот загина, соопштија локалните власти.
Првично беше објавено дека пилотот, роден во 1959 година, е исчезнат, но неговото тело беше пронајдено во морето кратко по трагедијата.
Авиошоуто беше дел од одбележувањето на 80-годишнината од сојузничкиот десант во Прованса.
Француските воздухопловни сили потврдија дека авионот што се урнал бил во сопственост на приватна асоцијација.
„Пилотите и целата заедница на воздухопловните сили сакаат да ја изразат својата солидарност во овој тежок момент“, се наведува во соопштението.
Локалните медиуми пишуваат дека урнатиот авион е колекционерски „Фуга Мажистер“, кој се користел во 1950-тите години и бил познат по својата голема способност за маневрирање.
Несреќата се случи само два дена по судирот на два француски воени авиони во источниот дел на земјата, при што загинаа двајца војници.