Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера ги посети пунктовите на полициските службеници кои учествуваат во оперативната акција со зголемено присуство на полицијата за безбеден град Скопје, а го посети и мониторинг системот „Безбеден град“, во рамки на оперативната акција за бескомпромисна борба против сите видови криминал и нарушување на јавниот ред и мир, како во градот Скопје, така и во целата држава, соопшти МВР.
Министерот Тошковски уште еднаш потенцираше дека никој нема право да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните, без разлика дали се работи за сообраќајни прекршоци, нелегална трговија со дрога и оружје, вандализам итн. Законот важи подеднакво за сите и сите оние кои ќе го прекршат ќе ги сносат последиците за своите постапки, потенцира министерот.
Акцијата за враќање на безбедноста во градот Скопје почна на 24 август и досега полициските службеници извршиле преглед на 987 лица и на 452 патнички моторни возила и мотоцикли. Притоа, лишени од слобода се 67 лица. Од нив 40 лица по член 215 од Кривичниот законик, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, а четири лица се приведени поради кршење на законот за оружје. Полициските службеници пронашле и лишиле од слобода седум лица барани по потерница и седум лица барани по други членови од Кривичниот законик.
Министерот Тошковски со полициските службеници разговараше и за проблемите со кои се соочуваат на терен, како недостаток на материјално-технички средства и ги информираше дека раководството на министерството работи интензивно на обезбедување на сите неопходни средства како нови униформи и возила за ефикасност во обезбедувањето на безбедноста на сите граѓани.