Најпрво сакам да им се извинам на граѓаните на Македонија за сè ова што се случува со личните документи. Ова е лудо. А решение има. Ако има политичка воља, проблемите се решаваат за еден ден – изјави вечерва за ТВ Канал 5 новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој истакна дека ова е резултат на неодговорноста, незнаењето, полтронството и непрофесионализмот на властите.
МВР денеска соопшти дека од 13 февруари важат само пасошите со новото име. Не важат и сообраќајните дозволи за возилата без новото име.
– Според Законот за безбедност во сообраќајот возачките дозволи со Република Македонија нема да важат ни за внатрешна ни за надворешна употреба. Ни во Македонија, ниту надвор од Македонија. МВР нема да казнува, но во случај на сообраќајна несреќа осигурителните компании ќе имаат право на регрес. Ова е невидена грозотија која ни се случува.
Многу ми е жал за ова што им се случува на македонските граѓани заради сервилноста на високи функционери на оваа влада кон сопствената држава, кон сопствените граѓание – рече Тошковски.
Според него, ако има политичка воља решение има со измени во Законот за патни исправи и во Законот за безбедност во сообраќајот.
– Измените ги подготвив. Тука се. Готови се. Кога пред моите колеги ги предложив овие измени, бев опструиран, министрите ми велеа дека ќе сме прекршеле меѓународен договор. Ова што го предлагам е согласно сите меѓународни акти кои ги гарантираат основните човекови прави. Вака го кршиме основното човеково право на движење, оневозможуваме излез од државата со валидна патна исправа. Нема кршење на меѓународни договори ако се усогласат техничките рокови од Преспанскиот договор врз основа на објективните човекови и технички капацитети на Македонија. Може да се бараат нови рокови. Со меѓународен билатерален договор не смее да се кршат човекови права. Ова е резултат на незнаење и неодговорност на властите. Ова што се случува е флагрантно кршење на човековите права. Ова е страшно. Не можам дури ни да поверувам. Грција нема право да го поништи пасошот. Обрасци немаме. Состојбата е алармантна – рече Тошковски.
Министерот ги повика граѓаните кои треба да вадат само лична карта, но и оние што веќе имаат закажано термин за фотографирање заклучно со декември, да не се јавуваат на телефонскиот број за да тој не се оптеретува, затоа што како што рече приемот на повици вчера достигнал до 500 телефонски јавувања во секунда
Според Тошковски, со пратката која се очекува до крајот на овој месец, ќе се комплетираат 250 илјади обрасци, а наредната пратка, рече дека ќе биде кон крајот на јуни или почетокот на јули.
Тој додаде дека поддржува рефундација на средства за сите оние граѓани кои извадиле лични документи кои им биле важечки и тоа, како што рече, со камата.