Поранешен премиер, поранешен вицепремиер, поранешен генерален секретар, поранешниот директор на „Државна лотарија“ и четири државни службеници се опфатени во истрагата за сторен криминал во државната лотарија, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Полицијата против нив поднела кривични пријави до Основното јавно обвинителство Скопје.
– Поднесена е пријава против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, еден поранешен вицепремиер, еден поранешен директор на правно лице и еден поранешен генерален секретар. Осомничени се дека сториле повеќе кривични дела кои довеле до поголема штета на буџетот. Превземени се дејствија и се извршени претреси. При претресите кај едед од нив се пронајдени 40.000 евра, кај друг 20.000 евра.Две од лицата не се достапни на органите на прогонот – изјави Тошковски на прес-конференција.
Многу добро знае јавноста кои се тие две лица, додаде министерот Тошковски.
– Јас би упатил јавен повик, до еден од тие двајца кои во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас сакам да му верувам, кажа дека е чист како солза, пак сакам да му верувам, еве јавно упатувам истиот да се врати во Македонија, ако не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат оваа постапка – рече Тошковски.
Тој не сакаше да открие детаљи за што е кривичната пријава против експремиерот.
– Во критична фаза сме со истрагата и има можност да ја повредиме истрагата со откривање информации. Штом ќе можеме, ќе ги изнесеме детаљите – рече Тошковски.