Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, го осуди терористичкиот напад на концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва во кој загинаа најмалку 143 лица, нагласувајќи дека ваквите ужасни акти на ансилство се потсетник за заканата што ја носи тероризмот и потребата од одлучна борба против сите негови форми.
„Во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи најостро го осудувам вчерашниот терористички напад врз невините посетители во концертната сала “Крокус сити хол” во Красногорск, Русија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата и најблиските на жртвите погодени од овој грозоморен чин, а на повредените им посакувам најбрзо закрепнување.
Ваквите ужасни акти на насилство извршени врз невини цивили налагаат најостра осуда од сите чинители посветени на мирот и безбедноста и се сериозен потсетник за заканата што ја носи тероризмот за нашите општества и потребата за одлучна борба против сите негови форми“ – стои во пораката од министерот Тошковски.