Тропските температури на воздухот, како во денот, така и преку ноќта, директно влијаат на околу 300 животни во битолската Зоолошка Градина, но со постојано разладување, дотур на свежа вода и свежа храна, лесно ја надминуваат оваа вонредна временска состојба, велат од тамошната општинска јавна установа.
Според Елена М. Мирчевска, директорка на ОЈУ Зоолошка Градина-Битола, топлотниот бран ќе остане зад нив, затоа што навремено ги извршиле сите подготовки за заштита на животинскиот фонд.
– Моментално располагаме со фонд од околу 300 животни, лавови, тигри, нилски коњ, бурмански питон албино, патаси, европски елени, елени лопатари, лами, ему, павијани, макаки, лебеди црни и бели, пеликани, коати, буф, потоа фазанерија со над 30 различни типови на украсни пилиња и единки од 70 видови. Како и за луѓето така и за животните, високите температури влијаат врз нив, но периодов се трудиме да обезбедиме услови кои се благопријатни за нив. Овие денови ги разладуваме најчувствителните животни, вршиме постојан дотур на свежа вода, и тоа неколку пати во текот на денот, потоа редовно се обновува водата во базените и истите се чистат. На животните им се дава свежа храна, овошје зеленчук кој е замрзнат, а се прскаат и се мијат живеалиштата – вели Мирчевска.
Зоолошката градина во Битола е на површина од два хектари, сместена на падините на Тумбе Кафе, кое со својот ридско планинска релјеф и дава дополнителен квалитет.
– Лето е. Посетителите, младите и возрасните се наши редовни гости и затоа во овој период посебно работиме на промоција и на популаризација на Зоолошката Градина. Реализираме акции од едукативен и промотивен карактер со деца посетители кои може да вршат исцртување на дел од живеалиштата и останатиот дел од Зоолошката Градина. Тоа внесува нов колорит на ЗОО како место за уживање за нашите посетители. Да потсетам, во изминатиот период имавме неколку настани кои ја збогатија содржината на Зоолошката Градина – посочи Мирчевска.
Топлотниот бран не го промени секојдневието во битолската Зоолошка Градина, грижата за животинскиот фонд продолжува, а се обновуваат и нивните живеалишта.
– Реализиравме акција за санирање на живеалиштето на орлите. Извршивме замена на жица, заштитна ограда и потпорни ѕидови, потоа молерисување на дел од живеалиштата, санација на живеалиштето на пони коњите, биволицата и виетнамските прасиња. Активностите се дел од редовниот работен процес. Наесен предвидена е санација на дел од живеалиштата, холтикултурно и партено уредување, а засадивме и цветни расади и украсни зимзелени дрвца за облагородување на просторот – посочи директорката Елена М. Мирчевска.
Со максимална посветеност, грижа и хуман пристап, животните во битолската Зоолошка Градина не го почувствуваа топлотниот бран. Здрави се. Постојано добиваат свежа вода и храна, а пред нивните живеалишта се врши поставување украсни табли и на инфо табли на кои може да се прочита за видот и карактеристиките на секое животно, ни предочија од ОЈУ Зоолошка Градина, потсетувајќи на нивното мото „Секој ден е среќен ден“!